Ние луѓето многу малку памтиме
Од она што ќе го научиме
Ѕвезди сме што кратко и силно пламтиме
Во бескрајот се губиме откако ќе се случиме
Некој друг памти место нас
Ние сме само искра брзогоречка
Во себе го носиме Неговиот глас
Незнајни сме јунаци на Нечија сила творечка
(Разбира се, без пензија боречка)
Нам ни е даден овој живот за живеење
И од нас зависи како ќе го поминиме
Најчесто во болка и тага, со ронки радост и смеење
Сон, во кој на крајот ќе се разбудиме или ќе се загиниме
Постојано ги носиме надежта и верата дека пак ќе изгрееме
Ко сонца во прегратките на Бога
Дури и тогаш кога меѓусебно крв си лееме
И тогаш кога завршуваме во челустите на баба рога
И секој од нас во душата свесност носи
И за пеколот и за рајот
Знаеме дека низ трњето мораме да минеме сами, голи и боси
А да не ги запаметиме ни’ почетокот, ни’ крајот
3.10.97
No comments:
Post a Comment