Sunday, September 10, 2017

Сакам

Очигледно не е доволно да се отвориш како небо
Потребно е да бидеш
Млад
Убав
Богат
Препотентен
На смееш да бидеш
Стар
Грд
Сиромашен
Импотентен
Очигледно не е доволно да сакаш
Не е доволно да даваш
Ништо не е доволно
Дури и кога е премногу за тебе
Премногу од тебе
Премногу не е доволно
Твојот максимум е нечиј минимум
Туѓата празнина не можеш да ја исполниш со својот максимум
Љубовта не е доволна
Џабе сакаш
Не се работи за тебе
И за твојата љубов
Ти немаш врска со тоа
Туѓото незадоволство е туѓо незадоволство
Нејзино
И ти тука ништо не можеш
Пушти ја
А кој ја држи
Шо ја држи

Не не не сум тоа јас
Тоа си ти
Слободна си
Вратата на моето срце отсекогаш била отворена како небо
Секогаш можеш да заминеш
И да се вратиш
Ако сакаш
Јас сакам
И тоа е моја работа
Јас отсекогаш сум сакал
И секогаш сум се повредувал
Не со љубовта
Туку со ЈАС сакањето
Жалосно е
Никогаш не ги исполнував туѓите критериуми
Секогаш нешто фалеше
Недостасуваше
Недостигаше
Јебига
Манлија сум
Полн со мани
А моја најголема мана е ЈАС САКАМ
Кога би можел да се откажам од ЈАС
И би бил само САКАМ
Ова нема врска со тебе
Јас сакам
А сепак
Слободна си
Јас одамна си заминав во странство
И се вратив
И странец сум во својата земја
И странец сум си самиот на себеси
И ...
И ти го промаши странецот во себе
Не го препозна
Затоа не ме виде и мене
Не си ни прва ни последна
Животот е убав
И смртта
Исто така
Утрово е прекрасно за умирање
Ти во мене јас во тебе
Прости ми што не сум совршен
За твојот концепт
Јас сакам
Јас те сакам
Таква каква што си убавино боженствена
Мене ми е доволно
Мене ми е премногу и доволното
Јас сум задоволен со она што Бог ми го дава
Сега
Овде
Постојано
Се трудам
Да бидам
Да постојам
Онаков каков што сум
И да не им сметам на другите во нивното постоење
Се обидов
Ако не успеав
Никому ништо
Нема да ми е ни прв ни последен пат
Знам дека секој неуспех боли
Го боли ЈАС
Но
That’s life
Боли до срце
Длабоко
До сржта
Прости ми
Мене грешнаго
За моите несовршенства
И нека биде мир
Ох колку болат овие зборови
Овие неисплакани солзи
Што капат врз срцево
Како капки врела лава од утробата на Мајката Земја
Болат сите мои зборови преточени во стихови
Бидејки се препораѓање
А секое препораѓање ја боли мајката во мене
О зборови мои
О синови на бесконечноста
Знам дека ќе ми се вратите
И ќе ме опцуете затоа што пцуев
И ќе ме прелажете затоа што лажев
И ќе ме опевате затоа што опевав
И ќе ме убиете со вистината затоа што замолкнав
Боли
Постоењето во светов боли
О страдање
О љубов
Господе Ти си навистина заебан тип
Болиш кога сакаш
Сакаш кога болиш
Ако
Господе
Ако
Јас и натаму САКАМ
Нека боли
О солзи мои
Течете
Нека боли
Јас сакам
Отворањето секогаш боли
Има други неба зад моево небо
И небото има граница
Се вика МОЕТО
И додека ЈАС го САКАм МОЕТО небо
Ќе боли
А ти
Ти росо во свенатите треви на моево утро
Ти
Ти
Ти
Те сакам
О колку боли
Боли и ова прекрасно утро
Боли со својата краснотија
Јас сум (сеуште) дете во тело на средновечен старец
Разиграно
Живо
Бесмртно
О љубов
Убиј ме
НЕКА БОЛИ ДО СРЦЕ
О Господе
Убиј ме
Со љубов
Нека боли
Радо би умрел во љубовта
Убиј ме сега
Убиј ме овде
Убиј ме о вистино
Доста е
Доста е
Доста е
И после смртта
Ќе сакам
Уште повеќе
Можеби смртта ќе биде доволна
J

10 Септември 2017-то лето Господово

Р.Ѕ.

Но љубовта е бесмртна

Зарем не знаеше J