Додека Стевче на гитара бившојугословенски сентиши свири
Додека Драганчо со некои свои пријатели муабети си тера
Додека комарците ми ја цицаат крвта ко вампири
Јас за прв пат посакав ова овде и сега да биде вчера
Мразам краеви, завршетоци и разделувања
Мразам кога убавите мигови блеснуваат и минуваат
Мразам кога во збор ги претворам сиве овие збиднувања
Но за жал, само така истите од заборав можат да се сочуваат
Завршува за мене баш утре, овој одмор, во ова лето
На ова место каде што се прекршуваат светлоста и водата
Каде што се испомешало световното со она малку свето
Каде што извира мирот и се влева во слободата
Можеби е овој одмор по редослед последен
На ова парче света македонска земја
Се прашувам - Господе за што ли сум вреден?
И што ќе понесем со себеси - освен мирис на босилек и темјан?
Што ќе понесам со себеси, освен парче сеќавање
Освен малку свест со ронки љубов по Пат стекната
И можеби понекое подзаборавено сеќавање
И душа со боженствена милост смекната
И во овој момент умов мој мисли рои
За од’ во неизвесноста, таму преку Големата Бара
И обид прави ова овде и сега со тоа таму и тогаш да го спои
И со потребата за промена да ја скрши навиката стара
И додека разни звуци врз ушиве мои атакуваат
Јас се обидувам парчево време да го претворам во збор
Бидејки сепак, само зборовите можат да го сочуваат
Сеќавањето за овој убав и краток одмор
А се’ почна со Фиат 124 и рикната машина
Со батисани лагери на радилицата
И со високо крената хистерична прашина
И ѕвер спремен да и’ ја скрши вилицата
Но милоста господова испадна повеличенствена
Умот и срцето научиле како ударите да ги ескивираат
Нежност и’ фали на нејзината енергија женствена
И молитви - кога од умот злобни мисли извираат
Минуваат и овие последни будни мигови ноќни
Со чашка ракија в рака и зелка за салта
Се обидувам врз хартијава да оставам траги моќни
Додека седиме, пиеме и мезиме јас и Стевче двата
Одвреме навреме гласната кич музика мирот ни го ремети
Но успешно на својте песни и муабети се навраќаме
И само на моменти кичот успева да не зашемети
Кога со цинични забелешки внимание му возвраќаме
А времето е Бог, и не стои, туку брзо врви
И тага в срце вгнездува и солза од око откинува
На светов и веков ние не сме ни последни, а ни први
На коишто не им се допаѓа тоа што времето одминува
Којзнае каде ќе завршат овие одморски писанија
Овие траги во свеста со разновидни емоции испреплетени
И само Бог знае впечатоциве какви ќе имаат влијанија
Врз сништата за сите пеколи и раеви од Него лично ветени
Господе,
Ќе мине и овој одмор и сал сеќавањата на хартијава ќе останат
Напишани од раката на овој его лудак, споени со неговата детска душа
И сал ти Господе знаеш шо умој утре недоветниов ќе го манат
И дали и кога и како ќе научи тој словото Твое да го слуша
28.7.99-то лето Господово, Среда, околу 23 часот, воен камп Св. Наум, до Св, Петка.
No comments:
Post a Comment