Tuesday, October 2, 2007

Парче по парче парампарче

Собирам парчиња и мозаик правам
Парче љубов со парче страдање спојувам
Парче од себеси на другите им давам
Парче душа ко залак од уста одвојувам

Парче маѓија и парче реалност ковам
Јас сум наковална и јас сум чекан
Понекогаш мислам дека свињи со бисери товам
А за парче милост и јас Господе пекам

Парче кожа и парче тело нудам
Допири, погледи и нежност на драм
Целина од парчињава да направам се трудам
Без морал, без перде, без срам

И парче стакло ко поглед на свет
Парче живот на смрт осудено
Парче демократија и поредок трет
Парче месо од нагон полудено

Парче пријатно и непријатно доживување
И огромно парчиште од мрак
Парче милување и парче силување
Сивило разбиено со парче сончев зрак

И еден чекор ко парче од од’
Парче разум расчешнат од бес
Парче море во када и брод
Парче свесност и парче свест

Босоног се шетам по улицава полна со срчи
Се’ парче до парче од нечиј душевен лом
За капка вино и парче нафора стомаков ми крчи
Додека во срцево носам парче заробен гром

15.9.1997

No comments: