Saturday, October 13, 2007

На работа во 7

Пајак на работ од сликата
и ушедна ноќ непреспиена
И’ се повинувам на навиката
пијавица за срце припиена

Календарот ги брои датите
ко некој верен сметководител
На рати ми стигаат платите
јас сум наводно вработен родител

Пред мене цвеќе никнува
колешката што го засадила
Во мене животот рикнува
љубовта не го навадила

Пенџер отворен кон ѕидови
со поглед соѕидан од четири страни
Без сонца без неба без ридови
сал тела во сонот изрешетани

Линолеум под ноѕете сеќавам
ко да сум растен во некоја фолија
Оние што катаден ги среќавам
да ги поздравам не ми дозволија

Во ќошот столици искршени
Сунѓер ѕирка од испараните седела
Еден куп гешталти недовршени
од мои и туѓи недела

Во устата ставам мастика
вкус со неодредена блажина
Меѓу забите мека пластика
дете во лулка од пајажина

Во ходникот штикли непрекидно сноват
а јас седам и зборови бирам
Магливи мисли низ умот ми пловат
обид правам да ги консолидирам

12.10.93

No comments: