Friday, January 27, 2012

Тие ви Го продаваат, а вие Го купувате

Господе, прости ми, но ова да го напишам мора
Однатре чувствувам ме притиска некоја вистина
Ми трепери срцево и ми се поти мозочнава кора
Имам потреба нешто однатре да извам на чистина

Не дека нешто многу знам или сакам нешто да глумам
Нити пак некому сакам да му го продавам ова лудо его
Туку долго време О Господе Боже во себеси се думам
КАКО и ЗОШТО луѓево и денденес го распродаваат НЕГО

Премногу малку работи ми се јасни како сончев ден
Безброј тајни во мене сеуште дремат не-до-откриени
И се` додека не ги спознаам нема да сум ослободен
Морам да ги отсонувам сите соништа не-до-отспиени

Знам, ова е моја работа што треба да си ја одработам
Но,не знам зошто имам потреба ова другово да го кажам
Која е потребата за сево ова вам да ви верглам и баботам
Господе, свесен сум, повторно самиот себеси си се лажам

Его лудакот сака пуфки да продева преку грбот на поетот
Иако свесноста вели дека од сето тоа нема никакво фајде
Самиот знаеш дека за ова што го пишиш кур го боли светот
Па сепак, кога веќе си почнал, продолжи да пишуваш, ајде

Сега самиот себеси си го одзедов еланот за пишување
Кој курац јас вам ќе ви кажвам нешто и ќе ви се дујам
Почнувам со длабоко вдишување и длабоко издишување
Сфатив, нема потреба вас со моите глупости да ве трујам

Ама пустото пак нешто однатре како кртица ме копка
Ај ти убо напиши си го то шо сакаше да си го кажиш
Сега се чувствувам како фатен во сопствената клопка
Еден дел вели продолжи, а другиот - себеси се лажиш

И грмна озгора Богот Јупитер и рикна громо-гласно
Дечко, драпаш мадиња, или пишувај или ти ојде глата
Е па добро бе Господе, дури сега ми стана јасно
Конечно почнавме да зборуваме со заеднички јазик двата

Дур да се кандисаме помина бесконечно многу време
И сега не ми текнува, заборајв во шо беше штосо
Јас си прам мајтап додека Боговите паѓаат на теме
Јас кој не знае да се дупни во газо и да се чепни во носо

Ааааа, сакав да зборам за то дека го распродавате Него
Едни го продаваат, додека пак други го купуваат
А ви е гајле, колку шо ви е гајле за мразо и снего
Во секој случај и едните и другите - заглупуваат

Јеби га, очигледно така мора да биди, тоа им е Патот
И шојма јас сега за то да констатирам и да судам
Туку чеј да видам до кај сум со времето, колку е сатот
Треба да прам џаде и да престанам вам да ви се чудам

А вие, вие и натаму ќе Го продавате и ќе Го купувате Бога
Вие и натаму по сопствените калливи патишта ќе си талкате
Вие и натаму ќе верувате во оној со рогови и во баба рога
Вие и натаму по Патот сопствените глави ќе си ги чалкате

А јас, ко шо ме дал Госпо и натаму букви ќе си цртам
И ќе си се залажувам дека со тоа нешто корисно прам
А како и вие така и јас во својот круг си се вртам
И на крајот и од овој живот пак ќе скршам волнен џам

No comments: