секојдневно самиот себеси се повредувам
со несвесна мисла, со збор, со понекое дело
се` почесто губам, се` поретко победувам
лукавиот ме фаќа на финатата наречена тело
преку генетскиот код суптилно ме разорува
кармата што преку ова тело е материјализирана
ѕверот од длабочините нечујно ми зборува
од секоја срцева рана неисцелена, не-санирана
господе, сеуште не знам кој пат да го фатам
седам заглибен во сопствената еонска тага
со будност секоја внатрешна промена ја пратам
со свесност за твојата совршено голема лага
луѓето мислат дека меѓу редови ме читаат
блиските мислат дека за мене нешто знаат
додека со нивните умови низ бескрајот скитаат
и како изгубени кутриња по ѕвездите лаат
јас и овој божиќ ќе го поминам сам
сокриен длабоко во сопствените неба
и само јас самиот лекот си го знам
љубовта твоја господе е се` што ми треба
на љубовта твоја треба да и` дозволам да течи
од срцево мое од мене повредено и рането
сал љубовта мене може да ме исцели и излечи
сал од неа ова гладно срце може да биде нахрането
ми треба жена којашто знае вистински да сака
но денес тоа е еднаково на научна фантастика
секоја од нив си е преплавена со својата мака
и вешто сокриена зад очигледната пластика
не е време господе, не-време е за љубење
на прагматична математика се` е сведено
никоја жена денеска нема време за губење
а секоја в гради крие срце длабоко повредено
и што можат да си понудат две срце ранети
освен болка,горчина, лутина,страв и тага
две срце со љубов долго време не нахранети
ова е општочовечка долго неосвестена сага
а јас, јас брцкам длабоко под ребрата во духот
луд сум господе, навистина, шо барам таму јас
иако не ме служат добро нити видот,нити слухот
сепак верувам дека таму внатре е мојот спас
таму внатре јас морам господе да се вратам
да излечам рани со еони в срце потиснувани
за да можам пораките да ги чујам и сфатам
и да ги отсонувам сите сништа неотсонувани
господе боже, твојата помош сега и овде ми треба
господе, тоа што мислиш дека заслужувам дари ми
не барам ништо повеќе од твоите бескрајни неба
а за свесност господе, силни шамари ошамари ми
фала ти господе што ми дозволи ова да ти го пишам
фала ти што ме слушаш и постојано ме чуваш од злото
фала ти што ми дозволуваш да се движам и да дишам
и ми помагаш да верувам во врвот и кога сум на дното
No comments:
Post a Comment