Saturday, May 25, 2013
Крстопати, распетија и премрежја
Длабоко во срцево мое копнеам по Тебе, о небесна жено
И знам дека внатре во самиот мој копнеж си сокриена
О ти боженствен разбоју, о ти нишко на моето вретено
О сило бо-женствена што во сржта моја лежиш успиена
И со умов детски сакам да ја сфатам твојaта природа дива
Јас малиот Едип, јас повредениот Нарцис, да, баш таквиот јас
Сакам тебе, о бесна кобило, да те зграпчам за ‘лскавите грива
Да те спитомам, така во срцево ми говори безгласниот глас
Од Творецот ми се дадени сите упатства, алатки и орудија
Знам дека се’ што ми е потребно од искона го поседувам
Небесните Татко и Мајка да ме направат совршен се потрудија
А јас непрокопсаниот син постојано срцата им ги повредувам
Заталкан по беспатија, на крстопатите на вечноста збунет стојам
Во лавиринтите на умов барам смисла-патоказ што ќе ме води
Се обидувам парчињата живот со лепакот љубов да ги спојам
И молам Господе милоста Твоја од пеколов мој да ме ослободи
А Ти велиш – Се’ ти е дадено, мило мое чедо, продолжи, барај
Каде и да тргнеш, знај дека СЕКОЈ ПАТ КОН МЕНЕ ВОДИ
Кога си уморен, легни, поспиј, во срцето свое блажено одмарај
И биди сигурен дека волјата Моја еден ден ќе те ослободи
А јас од патоказите крстови си ковам и на нив се распнувам
И крварам и со крвта своја тенка црвена линија среде цртам
Длабоко во срцето раните болни од очите на светот ги чувам
Се преврќам в кревет, во сонот бладам и со забите чкртам
Животот е полн со премрежја во чии искушенија заглигбуваме
И вриштиме по Тебе, О Господе Боже, помагај, до срце боли
А длабоко внатре Тебе во сопственото срце заробен Те чуваме
Треба само секој на Твојата љубов да протече да и’ дозволи
Повредени, исплашени, скаменети, соѕидани и внатре заробени
Сокриени во своите ѕидини, зад нишанот чекаме на пусија
И сите луѓе ги чувствуваме како опасни непријатели озлобени
А внатре е студено ко Гренланд, ко Арктик, ко Сибир во Русија
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment