Wednesday, May 4, 2011

старо ново

имам deja vu од некои претходни реинкарнации
чувствувам како искуствата ми се повторуваат
старите теми ми се јавуваат во нови варијации
духовите на минатото сега и овде ми зборуваат

господе како ништо да не се сменало со еони
старите рамки со нови слики се пополнуваат
пирамидите се запоседнати од новите фараони
новите зраци во старите сенки се засолнуваат

и денденес ја чувствувам шпанската инквизиција
вооружена со нови најсуптилни цензорски методи
ме брише без пардон новата крстоносна полиција
и секоја моја различност дирекно в очи ги боди

старите тронови од нови задници се запоседнати
златните жезла најцврстите раце гордо ги држат
главите на новите робови до земја се наведнати
истите `ртови и денденес по мене злокобно `ржат

старите глупости нови усти свечено ги изговараат
а јас отстрана жално ги гледам и пак им се чудам
пак за стари работи наново со ѓаволот преговараат
се преиспитувам себеси зошто јас за сето тоа судам

старото како ново да ми го подметнат се обидуваат
старите рани со нови лекови сакаат да ми ги излечат
и додека нови вавилонски кули в небеси подигнуваат
посакувам старите вредности срцата да им ги очовечат

No comments: