кога ќе ме навјанат мисли одвратни и зли
кога ќе се испомешаат во мене пеколот и рајот
кога сите чувства ќе ми ги заробиш ти
кога уште на почетокот ќе сонувам за крајот
кога на клепките ќе ми се обесат мисли депресивни
кога самоубиството ќе го гледам ко единствен спас
кога болкава во срцево не ќе сака да ми стивни
кога на мртовците ќе почнам да им завидувам јас
кога од сон сладок ужасни мисли ќе ме будат
кога ќе зачука во мене срцето ко тапан
кога сите да ме смират ќе се трудат
кога од несеонца ќе бидам уморен скапан
кога од длабочините ќе ме зграпчат мисли блудни
кога ќе се обидат на дното да ме свлечат
кога сите секунди ќе ми станат часови судни
кога гол пред небото ќе посакаат да ме слечат
кога мислите подли ќе ми се нафрлат ко хиени
кога парче од срцето ќе се обидат да ми скинат
кога сите солзи од очиве мои ќе бидат излиени
кога ќе решат на правина мене да ме обвинат
кога лакомите мисли ко аждери ќе ме лапнат
кога и светлината ко црна дупка ќе ја третирам
кога врз срцево мое ко бесни ламји ќе стапнат
кога душава со љубов не ќе мом да ја смирам
кога завидливите мисли од зад ќош ќе се јават
кога моето и туѓото ќе им биде главана тема
кога над братската несреќа победа ќе слават
кога радосни ќе бидат кога некој нешто ќе нема
кога себичните мисли ронка леб од гладните ќе кријат
кога дури и ништото не ќе се волни да го дадат
кога крастите свои сами од себеси ќе си ги тријат
кога и она што го немам ќе посакаат да ми го украдат
кога мислите горди носот в небеси ќе го кренат
кога глупоста и бедата причини за фалба ќе ми бидат
кога градиве надуени сонцето ќе ми го засенат
кога ѕвездите од мене не ќе можат небото да го видат
кога ќе бидам распнат и со нив закован на крстот свој
кога не ќе знам шо ми е проблем, а шо ми е решение
кога од мене ќе потече отров, жолч, крв и гној
тогаш од Тебе О Господе Боже ќе побарам утешение
No comments:
Post a Comment