Thursday, November 22, 2007

Тринајсе дена потоа

Ги прочитав стиховите што сум ги напишал
Се потсетив на моето блиско минато
И добро е, си велам, што сум запишал
Дел што од срцево свое што го имам откинато

Добро е што сум оставил и што оставам
Некакви трагови по хартијава бела
И немам намера да ја запоставам
Својава историја, плашива и смела

Смелоста е всушност соочување
Со својата болка, тага, вина и гнев
Со секое свое душевно ограничување
Со секој свој измислен и направен грев

Храбар е секој оној што со себе ќе се соочи
И со темната страна на својата месечина
Оној што другата страна од медаљата ќе ја воочи
И ќе ги исцели раните што ги носиме од дечина

Често, многу често си повторувам
Буда рекол “Животот е страдање“
Еве сега и место Шекспир ќе зборувам
“Животот е сон“, а јас би додал “И во сонот бладање“

Голем дел од животот покрај нас врви
Ние често за него немаме време
А утре ќе бидеме храна на некои црви
Она што сега сме, за миг некој ќе ни го земе

И се прашувам “Што ќе остани од мене?“
Прашина, пепел, земја
Проколнуван ќе бидам или ценет
Распнат или благословен со босилек и темјан

Во моментов стихов живот ми е
Во моментов јас творам историја
Го откривам она што во мене се крие
Дел од мојта архетипска меморија

И во ништо од сево ова не сум сигурен
Реалност ли е, или само уште еден сон
Свесност дека бргу ќе мине животов бурен
Во еден миг долг ко еон

И кога ќе го испуштам последниот здив
Ќе остане ли душава негде во оваа вселена
Или ќе останат само стиховиве што овде ги збив
И јас мртовецот со фаца побелена

И повторно прашања на кои никој нема да ми одговори
И повторно прашања кон некој што го сметам за творец
И повторно знам дека нема да ми проговори
Но јас и понатаму ќе се борам, бидејки сум борец

И ќе продолжам да бидам онаков каков што сум
И ќе се менувам во склад со самиот себеси
И ќе ги развивам ова тело, оваа душа и овој ум
Независно дали ќе завршам в земја или в небеси

17.7.97

No comments: