Вечерва до срж ме болат старите емоционални рани
Солзите од машково срце незапирливо истекуваат
Со примален крик рикаат лешевите внатре закопани
Вечерва не знам што боговите од мене очекуваат
Се разнежив на момент, одамна не сум липал така
Се созедов, се прибрав, се вратив во овде и сега
Не е лесно човек да се справи со сопствената мака
И’ посветувам внимание какво што и’ прилега
Еонската тага знае да ме преплави ко река дива
А потоа љубовта со смирение солзите ми ги бриши
О колку ми недостига голтка од изворот со вода жива
Дечко, ајде те молам – диши, диши, диши, диши
Длабоко во срцето ѕверски нож си имам забиено
Од времето на Адам и Ева, од прапочетниот грев
Длабоко негде во мутлите на умов го имам скриено
Сеќавањето за она што еднаш некогаш вистински бев
Затоа вечерва ме болат сите работи неазавршени
Сакаат да бидат заокружени сите животни кругови
Ме болат сите срца од негрижа и невнимание скршени
Оваа нива постојано ја ораат боженствените плугови
И се’ додека не станам плодна почва за небесното семе
И се’ додека од срце не ги одболам болките породилни
И се’ додека анѓелот, а и ѓаволот, своето не си го земе
Ќе бидам плен на обилни дождови и ветришта силни
Март, 2014-то лето Господово
No comments:
Post a Comment