Saturday, February 19, 2011

душо моја

штом отворам очи срце ми раскинуваш
штом отворам уста гради ми распоруваш
и ме прашуваш - човеку, низ што минуваш?
прво ме тешиш, а потоа пламен разгоруваш

а јас се обидувам на првиот здив да се сетам
и на милоста со која предтоа бев сиот обвиен
и немам ништо вредно, сем зборов, да ти ветам
зборот на мајасторот за сонот мој недоотспиен

со мисливе грешни по срцево бразди длабоки правам
и со тапа болка ги исполнувам тие временски траги
о душо моја помогни ми, те молам, да ги заздравам
пеколниве рани од сите мои зло-дела и изречени лаги

сакам, о душо моја, во вистината вечна да изгорам
од усниве никогаш повеќе лош збор да не изговорам
со воодушевување да го правам она што го морам
и да престанам самиот против себеси да се борам

доволно долго заблуден талкам по светов и по веков
доволно долго на глупоста и бедата јазик им плазам
и самиот се прашувам - каде трганал да оди човеков?
а јас, нити на погледот, нити на чекорот негов пазам

имај милост, душо моја, кон мене изгубениот во темнината
подај ми рака и како мало дете по Патот Твој поведи ме
по Патот на свесноста, љубовта, мудроста и вистината
и еднаш засекогаш во мирот на Царството Твое одведи ме

No comments: