Saturday, March 22, 2008

Букурешт - ПАК !!!

Од искуство знам дека историјата се повторува
Зарем ќе ни се повтори Господе Букурешт пак
Во срцето мое и последната капка крв согорува
Те молам за тро светлост во балканскиот мрак

Еве ме, на, земи мене како доброволна жртва
И молитвава моја завиткана во искрени солзи
О Господе Боже, од болка душава ми е мртва
Милост Господе, пред Тебе овој човек ползи

Те молам не дели ја таа малечка територија
Имај за сите малку љубов и ронка разбирање
Избриши тро лоша карма од акаша меморија
Дај ни чувствени срца и умови за резонирање

Не сакам Господе во повторувањето да верувам
Иако знам дека е тоа Твој закон универзален
Можеби со своите црни мисли малку претерувам
Можеби умов ми е малку вознемирен и воспален

Па сепак само Тебе ти се обраќам Прамајко Мила
Имај милост кон нас, твоите заблудени чеда
Јас знам дека единствено Ти ја имаш таа сила
Да не избавиш од злото, од нашата глупост и беда

No comments: