Thursday, March 6, 2008

платено боледување

спрострен на креветов како распнат на крст - страдам
со умов секојдневно во срцево којам по некоја шајка
и од време навреме во бунило грозничави нешта бладам
а црни орли ми го колваат сеќавањето на мојата мајка

имам чувство како на мајкава земја на срце да и’ тежам
терет сум и’, а терет е и ова што го пишувам и што го читам
како со нож в стебло сакам болката моја да и’ ја врежам
безуспешно се обидувам со љубовта нејзина да фатам ритам

боледувам од тешка, долготрајна и не-излечива болест
смрт која се раѓа и умира во центарот на сопствениот круг
и јас таму да умрам навистина би ми било голема чест
но, за жал, секогаш досега место мене умирал некој друг

мачно ми е кога зборувам за она што во другите го гледам
мојата болест, моето распетие, мојата лага, мојот сон
свесен сум дека и во овој живот смртта нема да ја победам
ќе умрам уште еднаш како лудак на сопствениот его трон

се обидувам да го искористам како покритие и ова писание
како да нешто важно сум открил и нешто мудро сум кажал
убеден дека врз нечиј болен ум ќе има некакво си влијание
а однапред сум свесен дека самиот себе пак сум се излажал

уште на почетокот како да сакав некого да посоветувам
ама зборов самиот од себе доби некој друг, поинаков тек
сфатив дека и јас со него почнав силно да се поистоветувам
и увидов какви болести може да излечи овој боженствен лек

преѓе в кревет лежев болен, а сега како дерн здрав сум
сакав да ја исплукам горчината, а всушност таа беше лекот
за малку ќе тргнев по патот на лукавиот и препреден ум
ама запрев и си реков во себеси - ете, шо ти е човекот

туѓа раска, малку гнев и одма ќе го претвори во страдање
и после е спремен врз љубовта отровот свој да го блуе
несвесен дека со своето бесцелно и бесполезно баладање
срцето на мајката земја може да го загади и да го отруе

прости ми о парамајко и прахранителке моја пре-мила
јас сум сепак само едно твое дете - замаено и заблудено
несвесно дека само твојата љубов може да му подари крила
и да го спаси од она што самото себеси си го има пресудено

No comments: