Saturday, May 25, 2013

BROKEN HEART SYNDROME


Луѓето се многу интересни боженствени феномени
Луѓето се манифестација на врвот и на дното
Луѓето се појави сместени во простор и привремени
Луѓето се маѓиски спој помеѓу доброто и злото

Не, јас нема да продолжам за луѓето да пишувам
Тие не се цел на мојава ноќна емоционална експресија
Јас сум тој што во збор го претворам она што го вдишувам
Јас сум проколнатиот расколник и распнатиот месија

И не знам зошто повторно ви се обраќам вам
Имагинарни битија, кои ве сметам за мои читачи
Би сакал она што го имам од срце да ви го дам
О меѓуѕвездени сребрени летачи, о овоземни питачи

Овие зборови кои се обидуваат смисла низ искуство да стекнат
Сакаат да ме објаснат мене, онаков каков што сега и овде сум
Јас сонувачот возгордеан, истопорен и покорно пред Бога клекнат
Јас човекот, проекцијата на универзалниот боженствен ум

Секојдневно се среќавам со души на Патот заталкани
Една од нив, логично се подразбира дека, сум и јас
Налетвам на срца скршени и умови со незнаење извалкани
Робови на лукавиот што вриштат за помош, за спас

Мене Господ сепак ми дал тро милост, разбирање и вид
Тро мудрост да го откривам несвесното во самиот себеси
Доволно сила да го разурнам сопствениот Кинески ѕид
И исконски копнеж за лет во внатрешните божји небеси

Не знам зошто, ама мене ми е дадено со ова да се занимавам
И не знам дали е проклетство, благослов или нешто друго
Знам само дека од срце со чиста љубов сево ова го правам
И со свесност на секоја душа и’ помагам да го затвори круго

Животот е тркало, под теретот на кармата искривено и скршено
Живеењето на Мајкава Земја е траги-комедија, неостварен сон
Постојано враќање по она што останало неисцелено и недовршено
Пуста желба и трка на умот по круна, по жезло, по највисок трон

Во таа сеопшта трка по лажни вредности – моќ, пари и секс
Телата исцрпени малаксуваат, а умовите просто полудуваат
Затоа што животните сокови ги испиваат набрзина и на екс
Додека болките од неуспесите длабоко в срце ги закопуваат
И забораваат на Она што во длабочините на срцето човеково спие
Забораваат за сопствената вистина, својата боженствена природа
А токму Тоа секоја душа на Патот неминовно мора да го открие
Бидејки без Него секој човечки живот станува само лук и вода

Оние коишто свесно тргнале на Патот по кој поретко се оди
Знаат што значи сево ова што сега и овде го пишувам јас поетот
Секоја душа што копнее од канџите на лукавиот да се ослободи
Знае дека предуслов за живот е смртта на живеењето во светот

И знам дека овие писанија на некои ќе им звучат неповрзано, лудо
И не очекувам од луѓето да бидам потполно разбран и сфатен
Бидејки смртта во нив не може да верува во бесмртност, во чудо
А само со чудо неверникот во верник може да биде преобратен

Затоа и насловот на песнава е синдром на срцето скршено
И потребно е ЧУДО за срцето повторно да биде исцелено
А лукавиот успешно работата своја си ја има завршено
Со тоа што стравот и сомнежот во храмот божји ги има вселено

И собира на Патот прашина, емоционален багаж, отпад нуклеарен
Наместо мудрост и љубов во срцето глупост и беда трупа
А горе во умот планот за животот останува пуст сон неостварен
Додека во усните се чувствува сал отровот од пилешката супа

Ве молам не напрегајте се да ја разберете логиката на оваа песна
Бидејки таа е кондензирано искуство, животно и професионално
Доказ дека љубовта секоја работа ја претвора во воздишка лесна
И дека свесноста за себеси е лек којшто делува универзално

Би сакал ова писание да биде јадица и поттик за душите на Патот
Да тргнат во потрага по она што е не-видливо и не-сфатливо
Што поскоро, бидејки смртта отчукува во сказалките на сатот
А во нас останува завиено ОНА ШТО НАВИСТИНА Е ЖИВО






No comments: