Saturday, May 25, 2013
И како што реков ...
Долго и длабоко во срцево свое поетот го имав потиснато
Бидејки рани од претходни љубовни искуства исцелував
И последниве години бев како пиле гаќесто испокиснато
Се криев, се таев, ме немаше, нити постоев, нити делував
И одеднаш повторно во мене се разбуди таа, маѓијата божја
Се појави одненадеж, неочекувано, како што само таа знае
Бликна со сета своја подземна моќ од срцевите ми подножја
И ме преплави кo река која потопува се’ и за ништо не се кае
Ме фати непендек, неспремен, набрзина, в тесно, неочекувано
Ме дрмна ко гром од ведро небо, ко татнеж од подземен екот
Срцево копнееше свесно, знаејки дека без неа е недоизлекувано
Долго по неа, по живата вода, жеднееше во мене мажот,човекот
Не си ни едно, ни друго, ако со неа не ти се навадени корените
Не те бива за ништо, ако таа стоплата боси не ти ги накваси
Жалосно е што на неа заборавиле срцата на мажите и на жените
Се’ додека еден ден еонската тага очите со солзи не им ги нараси
Таа срцата нивни ко лешници ги распарчува, ги дроби, ги крши
А во умовите предизвикува в-чудо-не-виденост, конфузија, страв
И откако својата работа со елеганција ќе си ја одработи и заврши
Краставиот жабец го трансформира во принц, а глушецот во лав
О ти сило боженствена којашто ми го маѓепсуваш срцево лудо
О ти прекрасна убавино што стихови од врвовиве на прстиве сееш
О ти енергијо што од баналното секојдневие креираш божје чудо
О ти врела брановидна леснотијо што однатре душава ми ја грееш
Ти се радувам како дете на насмеана мајка, како цвет на пчела
Среќен сум што ко утрински сончев зрак врз срцево мое слета
Очиве мои ко разиграни птици во небесата божји градат седела
Телово ми е нафора, а крвта вино, спремен сум за литургија света
Изгори ме и искали ме, о љубов, во твоите подземни пеколни огништа
Натопи ме, о љубов, со твоите небесни предсказанија и привиденија
И нека вистината и милоста Твоја целиот мрак во мене го поништат
О љубов, еве, ти се предавам, судбинава моја ти место мене измени ја
Спремен сум повторно цехот со крвта своја свесно да го платам
Спремен сум Господе одговорно теретот свој на рамо да си го земам
Спремен сум О Боже јас расколникот повторно да се преобратам
Бидејки сум свесен дека освен Патот на љубовта, јас друг пат и немам
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment