Thursday, November 22, 2007

За променетите

Ги променивте ли своите пелени помочани и покакани
О умови помрачени, о срца скаменети, о стомаци залакомени
Го променивте ли нивото на свесност о души по адски патишта заталкани
Го променивте ли домот, о ега во вечноста на бескрајот неудомени

Ги променивте ли вашите шубари и шајкачи
Ги променивте ли вашите кечиња и фесови
Ги променивте ли его игрите, о суетни играчи
Ги променивте ли клупските бои и дресови

Ништо не променивте, вие сте не-променливи
Ѕидовите околу вашите срца се ко средновековни бастиони
Уште подлабоко ги соѕидавте Божјите блага не-проценливи
Тоа сте го правеле, го правите и ќе го правите со еони

Ги променивте само етикетите во вашите глави
За да не може никој од тронот егата да ви ги помести
До вчера викавте “Напред ЦРВЕНИ“, а денес викате “Напред ПЛАВИ“
Штетата што ја направивте, сал Бог може да ја надомести

Господе, прости им, тие сеуште не знаат што прават
Ги менуваат само гаќите, прслуците и чорапите
Со такви промени срцата нема да ви заздрават
Вие сте не-променливи и на тронот сакате да излапите

До смрт се држите за власта, за моќта, за парите
Несвесни дека се држите за лукавиот, за мракот, за лагата
И мислите дека вечно ќе можете да господарите
А само еден миг може засекогаш да ви ја избрише трагата

И велите дека се променивте, вие камелеоните
Ништо не променивте освен бојата на кожата
Но, не берете гајле, пред вас се еоните
Ќе играте и на сцената и во партерот и во ложата

Ќе ги менувате улогите на Божјава универзална сцена
Вие малите кукли, со срца камени и глави дрвени
И одново и одново и одново ќе се борите ЗА ПРОМЕНА
Денес сте СИНИ, утре ЖОЛТИ, а само до вчера бевте ЦРВЕНИ

Р.Ѕ.

Промените Господа Другари, однатре од центарот идат
Промените Господа Другари идат и од Висините Небесни
И ќе се променат само оние што ќе се обидат
Да се спознаат самите себеси и да станат потполно свесни

28.1.99-то лето Господово

No comments:

Post a Comment