коледе е, огновите на душава вечерва горат
коледе е, снегот се вдомил во коскиве мои
коледе е, вечерва пламените јазици нека зборат
коледе е, духот боженствен нека ве освои
коледе е, во очите ваши се отсликува сјајот
коледе е, во срцата ваши пак тлее жарот
коледе е, од срцево мое вечерва пее бескрајот
коледе е, за рубата моја ќе го фрлаат зарот
коледе е, јас сум крвта што вечерва за вас ќе се лее
коледе е, јас сум виното кое со сласт ќе го пиете
коледе е, јас сум сонот што длабоко во вас зрее
коледе е, јас сум оној што самите од себе го криете
коледе е, и иако сте неверници и пагани, јас ве сакам
коледе е, вие сте мојот сој, мојта раса, моето стадо
коледе е, милоста моја истовремено е и мојата мака
коледе е, вечерва моето раѓање го слави и старо и младо
коледе е, претскажано е, јас сум вистината и јас сум патот
коледе е, јас сум оној што по патот ќе ве води
коледе е, љубете ги подеднакво и сестрата и братот
коледе е, само љубовта безусловна вас ќе ве ослободи
No comments:
Post a Comment