Tuesday, December 11, 2007

Јас неверниот Тома






Не верував дека Бог за мене има изненадување
Мислев дека ме направил, ме оставил и заборавил
Мислев дека за душава моја веќе нема радување
Умот си го бев заблудил, а срце си бев закоравил

Не верував дека баш мене љубовта може да ми се случи
Бев повреден,се повредив,бев уплашен во својот ќош и сам
Станав ѕвер, психопат, еден од најтшеките глаучи
И не бев спремен никому својата доверба да му ја дам

Не му верував никому, а најмалку на боженствените небеси
Го лажев Бога со збор, а во мислите од убавината Негова крадев
Бев никаквец, скитник, бездомник, душман на самиот себеси
Она што по Пат го сеев, тоа сам си го жнеев и си го јадев

И на сиот свет, за сопствените јадови, му бев бесен
Бев скептичен, циничен, саркастичен, злобен
А всушност - за самиот себеси и за светот НЕ БЕВ СВЕСЕН
Затоа и сопствениот живот ми беше неудобен

Се чувствував тесно во сопствената кожа
Сакав да избегам од сопствената реалност
Разни лудила во умот почнаа да ми се множат
А во срцето чувствував долг емоционален пост

Копнеев за љубов,а всушност неа во себе ја убивав
Ја барав во другите, а внатре како да ја немав
Нејзината смрт пред другите успешно ја скривав
Немав што да дадам, а многу сакав и многу земав

Но еден ден увидов дека Бог не ме има заборавено
Еден ден Бог елегантно ме намести, ми го спушти
И сфатив зошто срцето свое си го имам закоравено
А Тој, Тој Никаквецот, само ситуација за тоа ми приушти

Знаев дека е Тој, само Тој има таква елеганција
Таква местенка само Тој можеше мене да ми смести
Само Тој е способен за таква озбилна зафрканција
А целта му беше - мене од моето лудило да ме освести

Ми ја подметна љубовта како најголемо искушение
Ми ја подметна љубовта, онаа најубавата - забранетата
И ме остави самиот за себеси да изнајдам решение
Ми ја подметна љубовта-онаа Неговата, најсветата

И сега, дури сега навистина не знам што да правам
Угоре високо, удолу длабоко, а јас баш на средина
И ништо повеќе не барам, а сакам се од срце да давам
А животот ми стана убава цветна планинска ледина

И секојдневно од неа ги берам најубавите цветови
И во китка и’ ги носам нејзе, на љубовта боженствена
И со неа потонувам во себеси и откривам нови светови
И сонувам за потполн спој со нејзината енергија женствена

Знам,баш дека само таа од вистинска смрт може да ме спаси
Само таа, вистинската љубов, и ништо, баш ништо друго
И ако таа срцево мое, во последниот животен миг, го краси
Ќе знам дека во овој живот успешно сум го затворил кругот

И го молам Бога до смрт во срцево мое да ја чува
Го молам да ми помогне повторно да не ја изгубам
О Господе Боже, срцево мое од радост лудува
О Господе Боже, дури сега почнав да верувам и љубам


11.12,07 AD

No comments:

Post a Comment