Wednesday, October 28, 2009




Шест недели и еден ден...





Боже! Помогни им на Македонците да ја зачуваат Македонија, да најде спас душата на тие добри и мудри луѓе од секоја несреќа и зло... - Олексиј Довгиј - Украина




Почнаа да ни одбројуваат.

Во четвртокот вечер од вестите на А1-телевизија в лице ми свршија од задоволство, соопштувајќи ми дека сега е моментот да останеме без името.

Фуере рекол: До 7 декември или никогаш (како тоа наеднаш екологијата и вработувањето не се важни, туку само името?).

Оли Рен рекол: Сега или никогаш (како тоа референдум може сите да имаат, ама нам не ни треба... за ништо?).

Рада Шеќеринска рекла: Уште шест недели и еден ден. Без компромис за името, потоп.
Владата молчи.

А јас, ете, не сум премиер, немам своја влада, државнички да ги отерам откај што излегле.
А ни одбројуваат.

Ни одбројуваат странците, ама не оние нормалните странци што работат и живеат, туку оние што работат за да уништуваат.

Ни одбројуваат домашните, ама не оние што работат, живеат и како секој нормален жител на светот си ја сакаат својата земја, туку оние што живеат да одработуваат за оние од светот што ја мразат нашата земја.
И ќе продолжат да ни одбројуваат.

Како што ни ги броеја зраците на сонцето за да ни ги скратат од шеснаесет на осум.

Како што ни ги броеја деновите уште колку ќе опстоиме по референдумот за независност.

Како што ни ги броеја патриотите на Голи Оток.

Како што ни ги броеја, во четириесет и деветтата, протераните, егзекутираните, ослепените, силуваните и искасапените низ Егејска Македонија.

Како што ни броеја жртвите по Народноослободителната војна за да ни кажат дека сме дале помалку од другите југословенски народи, па нé израмнија со стрелањата на Кале и во Велес.

Како што ни ја броеја во Букурешт површината на земјата, во илјада деветстотини тринаесеттата, за да знаат како да им ја поделат на нашите соседи.

Ни одбројуваат цели сто години.

Зашто ние не им одбројувавме кога Богомилите им ги создадоа и учеа Патарените и Катарите.

Зашто не им одбројувавме кога ги научивме да зборуваат, пишуваат и читаат, оние, отаде Карпатите, што денес се нарекуваат Словени, оние што го примиле Словото.

Зашто не им одбројувавме кога ги ослободивме од Персијците и погрешивме, зашто Персијците беа поцивилизирани од нив (и сé уште се, зашто не тргнаа Иранците и Ирачаните, потомците на Персијците, да ја сотрат западната цивилизација настаната вчера, туку обратно).

А кога тие можат да ни одбројуваат, можам и јас да им одбројувам.

Им остануваат уште 6 недели и 1 ден на Ерван Фуере и на Оли Рен да го признаат поразот дека не им успеала мисијата да ја ликвидираат Македонија.

И остануваат уште 6 недели и 1 ден на Рада Шеќеринска да си го смени своето име и да влезе во која сака унија, ако ја примат.

И остануваат уште 6 недели и 1 ден на оваа Влада да каже јасно и гласно дека нема цена за името Македонија или, во спротивно, да си ги сменат своите лични имиња и да влезат во која сакаат унија, ако ги прими.

А нам ни останува да си помогнеме да ја зачуваме Македонија, за да си најдеме спас за душата, за да станеме добри и мудри луѓе во секоја несреќа и зло.

Авторот е уметник




Автор: Александар Русјаков

No comments: