Се врти секундарникот во круг
И со секоја нова отчукана секунда
Би сакал место мене некој друг
Да губи во мечов рунда по рунда
Насила во рингот сум пикнат
Одоколу мртовците навиваат за времето
И уште пред млечните заби да ми никнат
Веќе сум спружен на темето
Вриштат мртовците во полната сала
А јас станувам и носот си го бришам
Знам инаетчија сум и опасна будала
Продолжувам иако ко пијан се нишам
А времето смерни удари пласира
Директи, крошеи, аперкати
И секој мој напад успешно го ескивира
А потоа ме шиба - нати, нати, нати
Како обичен аматер ме толчи
А јас како магаре крепам
А секундарникот си врти и си молчи
Знае дека во мечов нема да тепам
8.2.97
No comments:
Post a Comment