Thursday, November 22, 2007

За променетите

Ги променивте ли своите пелени помочани и покакани
О умови помрачени, о срца скаменети, о стомаци залакомени
Го променивте ли нивото на свесност о души по адски патишта заталкани
Го променивте ли домот, о ега во вечноста на бескрајот неудомени

Ги променивте ли вашите шубари и шајкачи
Ги променивте ли вашите кечиња и фесови
Ги променивте ли его игрите, о суетни играчи
Ги променивте ли клупските бои и дресови

Ништо не променивте, вие сте не-променливи
Ѕидовите околу вашите срца се ко средновековни бастиони
Уште подлабоко ги соѕидавте Божјите блага не-проценливи
Тоа сте го правеле, го правите и ќе го правите со еони

Ги променивте само етикетите во вашите глави
За да не може никој од тронот егата да ви ги помести
До вчера викавте “Напред ЦРВЕНИ“, а денес викате “Напред ПЛАВИ“
Штетата што ја направивте, сал Бог може да ја надомести

Господе, прости им, тие сеуште не знаат што прават
Ги менуваат само гаќите, прслуците и чорапите
Со такви промени срцата нема да ви заздрават
Вие сте не-променливи и на тронот сакате да излапите

До смрт се држите за власта, за моќта, за парите
Несвесни дека се држите за лукавиот, за мракот, за лагата
И мислите дека вечно ќе можете да господарите
А само еден миг може засекогаш да ви ја избрише трагата

И велите дека се променивте, вие камелеоните
Ништо не променивте освен бојата на кожата
Но, не берете гајле, пред вас се еоните
Ќе играте и на сцената и во партерот и во ложата

Ќе ги менувате улогите на Божјава универзална сцена
Вие малите кукли, со срца камени и глави дрвени
И одново и одново и одново ќе се борите ЗА ПРОМЕНА
Денес сте СИНИ, утре ЖОЛТИ, а само до вчера бевте ЦРВЕНИ

Р.Ѕ.

Промените Господа Другари, однатре од центарот идат
Промените Господа Другари идат и од Висините Небесни
И ќе се променат само оние што ќе се обидат
Да се спознаат самите себеси и да станат потполно свесни

28.1.99-то лето Господово

Капка роса во мојта сланосана коса

Длабоко во мојата коса
Се свила есенска слана
Одненадеж пролетната роса
Се јави ко душевна храна

Снага ми обви, ме гушна
Росата утринска кревка
Ритам во срцето слушна
Мојта потсушена тревка

Се уплаши умот глупав
А срцето почувствува младост
Гневот што со години го трупав
Росата го претори во радост

Ќе имам ли уште едне шанса
Да ја допрам утринската роса
Се чувствувам ко Санчо Панса
Штитот на Дон Кихот во себе го носам

Господе прости ми ја љубам
Утринската свежа роса
Чувството за реалност го губам
При допирот со ногата боса

Духот ми копнее в не-мир
Љубовта срце ми жари
Би го прашал бескрајниов се’-мир
Кој со него господари

Усниве за бакнежи се жедни
И пораки љубовни носат
Слушни ги ако се вредни
За малку внимание просат

Подари ми од утрата твои
Измиени во бистрата роса
Дај ми виножито бои
Да ја обојам својава коса

Господе,

Дали росата може да сфати
Што срцево мое крие
Дали болка ќе ми скрати
Ако сиот во роса ме обвие

Очи в очи со утринската роса
И бодрост во јадрите гради
Слана чувствувам во својава коса
А в срце татнат бикови млади

Се послала пред мене полјана росна
Во очите на ноќта светлост ти беше
Донесов одлука инокосна
И денеска на се’ сум решен

Дај ми Господе да пијам роса
Од рацете на Твоите роси
Па потоа душава нека ми коткоса
Потоа смртта нека ме покоси

Мене деновите ми се одбројани
Млад сум старец во мртвото море
И спремен сум за промени постојани
Бидејки од капка роса сум створен

17.8.97

Фиктивна перцепција

Бев ужасно осамен и тогаш влета ти
Во мојата лудница, во мојот пекол
И стана фикција од моите сни
Жена на која најубавите зборови сум и’ ги рекол

Влета наеднаш коткосана и ранета
Со крилца болно поткршени
И ти беше сама, отфрлена и неодбранета
Со куп емоционални работи незавршени

Влета наеднаш без прашање во сонот
Со пердуви во суви солзи наквасени
И кочоперно се искачи на тронот
Беше една од оние души што сакаа да бидат спасени

А јас ко шо ме дал Госпо доволно луд
Играта да ја играм се сложив
И сета своја љубов и сиот труд
Беспоштедно и безусловно во тебе ги вложив

5.2.98

Тринајсе дена потоа

Ги прочитав стиховите што сум ги напишал
Се потсетив на моето блиско минато
И добро е, си велам, што сум запишал
Дел што од срцево свое што го имам откинато

Добро е што сум оставил и што оставам
Некакви трагови по хартијава бела
И немам намера да ја запоставам
Својава историја, плашива и смела

Смелоста е всушност соочување
Со својата болка, тага, вина и гнев
Со секое свое душевно ограничување
Со секој свој измислен и направен грев

Храбар е секој оној што со себе ќе се соочи
И со темната страна на својата месечина
Оној што другата страна од медаљата ќе ја воочи
И ќе ги исцели раните што ги носиме од дечина

Често, многу често си повторувам
Буда рекол “Животот е страдање“
Еве сега и место Шекспир ќе зборувам
“Животот е сон“, а јас би додал “И во сонот бладање“

Голем дел од животот покрај нас врви
Ние често за него немаме време
А утре ќе бидеме храна на некои црви
Она што сега сме, за миг некој ќе ни го земе

И се прашувам “Што ќе остани од мене?“
Прашина, пепел, земја
Проколнуван ќе бидам или ценет
Распнат или благословен со босилек и темјан

Во моментов стихов живот ми е
Во моментов јас творам историја
Го откривам она што во мене се крие
Дел од мојта архетипска меморија

И во ништо од сево ова не сум сигурен
Реалност ли е, или само уште еден сон
Свесност дека бргу ќе мине животов бурен
Во еден миг долг ко еон

И кога ќе го испуштам последниот здив
Ќе остане ли душава негде во оваа вселена
Или ќе останат само стиховиве што овде ги збив
И јас мртовецот со фаца побелена

И повторно прашања на кои никој нема да ми одговори
И повторно прашања кон некој што го сметам за творец
И повторно знам дека нема да ми проговори
Но јас и понатаму ќе се борам, бидејки сум борец

И ќе продолжам да бидам онаков каков што сум
И ќе се менувам во склад со самиот себеси
И ќе ги развивам ова тело, оваа душа и овој ум
Независно дали ќе завршам в земја или в небеси

17.7.97

Компромис со ѓаоло

Компромиси со ѓаоло свој правам
Душата на парче му ја продавам
Во едниот тас тој компромис става
Во другиот јас парче душа додавам

А вагата на животот реално мери
Всушност во ценкањето е вештината
Ако си овца секој ќе те дери
На крајо пушиш со уста подзината

Ѓаоло е мудар и со префинет стил
И со голема способност за ценкање
Секогаш спремен да направи Big Deal
Ти добиваш крцкање со заби и стенкање

А тој добива ушедна продаена душа
Ефтина, само за грст златници
Спремна за подвиткување, спремна да слуша
Еден од многуте во беспаќе заталкани патници

Тој ја знае секоја твоја слаба точка
И успешно околу тебе ја плете својта мрежа
А Бог ти нуди прифаќање и ден за прочка
Ти дава шанса да воспоставиш рамнотежа

Бог ти овозможува да си простиш
Како себеси, така и на душманите
Бог ти овозможува да ги премостиш
На душата своја маните


Ако си спремен да проштеваш
Простено ќе ти биде за век
Со душевен мир ќе се гоштеваш
Тој ќе ти биде волшебен лек

Прости му и на ѓаоло свој
Проштевајки си себеси за секоја злоба
И не ја пикај глата в песок ко ној
За да не платиш премногу висока глоба

Ширум отвори ги своите очи
Одговорноста своја прифати ја
За секоја грешка и секој злочин
Сметката секогаш плати ја

Зашто после дупла ќе биде цената
Зашто после ќе платиш премногу скапо
Каматата ќе ти биде поткрената
И на крајо ќе го папаш стапо

Ѓаоло ќе те чека на кривината
Спремен куп услуги ќе ти понуди
И кога ќе му ја продадеш суштината
Бог на крајо ќе ти суди

Р.Ѕ.

Ова се мои силни религиозни конструкти
Со кои зло да направам се спречувам
И не знам дали се архетипски продукти
Нити прифаќам, нити пак одречувам

4.9.95

Бокс меч - John against the time

Се врти секундарникот во круг
И со секоја нова отчукана секунда
Би сакал место мене некој друг
Да губи во мечов рунда по рунда

Насила во рингот сум пикнат
Одоколу мртовците навиваат за времето
И уште пред млечните заби да ми никнат
Веќе сум спружен на темето

Вриштат мртовците во полната сала
А јас станувам и носот си го бришам
Знам инаетчија сум и опасна будала
Продолжувам иако ко пијан се нишам

А времето смерни удари пласира
Директи, крошеи, аперкати
И секој мој напад успешно го ескивира
А потоа ме шиба - нати, нати, нати

Како обичен аматер ме толчи
А јас како магаре крепам
А секундарникот си врти и си молчи
Знае дека во мечов нема да тепам

8.2.97

Monday, November 12, 2007

Љубов на прв двоглед

Те заљубив на брегот
во сништата луди
Вистина ти беше
што морници буди

Шетавме низ паркот
на усните со шега
А бевме како ноќи
на два далечни брега

Другиот ден
друга ти држеше рака
Друг човек
што можеби те сака

Жена ми е комунист

Имам жена екстремно лева
Шо по цел ден џефа крева

Епитаф на романтичарот

Се’ што беше
ко минута мина
Се’ што беше
како бура стијна
Се’ што беше
не се враќа веќе
Се’ што беше
е ова скинато цвеќе
Се’ што беше
животот даде
Се’ што беше
во овој гроб кладе

Епитаф на ѕверот

Ко ќе цркнам
на гробо крс да ми клајте
Немој случајно
да заборајте!!!

Во блиската далечина

Далеку од доброто, а блиску до злото
Далеку од врвот, а блиску до дното
Вриштам во себеси за помош, за спас
Длабоко внатре, без да пустам глас
Краток е денот, а ноќта е долга
Ко тивкиот Дон и збесната Волга
Копнеам за мир и душевен спокој
Секојдневно дружејки се со змии и смокој