Имам таква чест да живеам во ова време
Кога глупоста е актуелен и масовен тренд
Кога ѓаоло дошол по своето да си го земе
О Боже, глупоста денес е најпродаван бренд
Навистина ми е потребно големо познавање
За да можам да ја објаснам нејзината генеза
Господе, сум искусил тешко ментално ебавање
И денеска живеам во длабока духовна аскеза
Гледам како глупоста постојано е во мода
Глупоста во сите пригоди ним убаво им стои
О Господе, глупоста е симбол за нова слобода
Шарена глупост, глупост во сите форми и бои
Глупоста како реа од нивните усти се шири
Глупоста е одлика на амалгамскава камарила
Од глупоста знам дека злото ќе се повампири
Со глупоста злото се храни и му растат крила
Денес злото зема замав и во небесата се виши
Неговите следбеници се однесуваат ко богови
Злото е спремно се’ живо пред себе да збриши
Господе, заштити не’ од неговите остри рогови
Во ова време кога владеат робовите на лукавиот
Јас се занимавам со проучување на лудилото
Во ова време кога луѓето го промашуваат правиот
Јас се обидувам под контрола да го држам осилото
Мојот ТиРекс, мојот ѕвер, мојот Шива, мојто зло
Мојот демон, мојот ѓавол, мојот убиец, мојот Бог
О Господе, Ти што си врвот на секое мое дно
О Творецу, Ти што си ми дал едно крило и еден рог
Ти што ме искушуваш со злото и глупоста постојано
Помогни ми да поминам невино низ овој пекол
Јас знам дека кај Тебе се’ си оди според плано
Те молам прости ми за глупостите шо сум ги рекол
И прости ми за злото што несвесно сум го сторил
Помогни ми да си ја исчистам негативната карма
Знам, злото со свесност сеуште не сум го покорил
Знам, сеуште не сум во Твојата SARVA DHARMA
Јас сум Едип, Нарцис и Сизиф, сите три во едно
Јас сум бог кој допрва од срцево треба да се роди
Јас знам дека ќе страдам и ќе се борам до последно
Додека душава од его затворов не се ослободи
3-ти Август, 2018-то лето Господово
No comments:
Post a Comment