Saturday, May 25, 2013
Бејзикс
Работејки на самиот себеси и со другите луѓе
Чепкајки во своите и туѓите емоционални рани
Кога бев премногу уплашен и од себеси отуѓен
Во нуклеарниот отпад, полн со невротски одбрани
Почнав да откривам некои интересни механизми
Коишто постојано се повторуваа како некоја мостра
За тоа колку срцето сака, а лукавиот его ум пизми
Сфатив дека ја откривам структурата на Cosa Nostra
И колку повеќе откривав како работи таа мафија
Толку повеќе чувствував напади на лукавиот его ум
Ножицата сечеше криво, а јас тргав права рафија
Жесток беше конфликтот со внатрешниот толосум
О Господе Боже, колку бев и колку сеуште сум
Со таа перверзна самобендисана лага поистоветен
О Господе Боже подмолен е овој лукав его ум
Јас сеуште сум негов роб - ситен, наивен, недоветен
Сфаќам колку суптилно ја плети неговата мрежа
Колку вешто знае да се скрие зад доброто и злото
И колку лесно успева да ме исфрли од рамнотежа
Да ме возвиши на врвот и да ме бапни од дното
Колку совршено знае со суштината да се вплоти
Во најискреното, најневиното и најчистото се впива
И како мачка знае да преде и нежно да се кроти
Со отровна блажина го мати изворот на водата жива
Не можат да го разберат ова мувите пазаришни
Тие се занимаваат со грубото, со тешкото, со оловото
Тие не ги знаат неговите злонамеренија скришни
Ах колку добро се крстат, се молат и го толкуваат словото
Тие не го познаваат гробарот на душте нивни
Тие, сувишните, над без-дната жонглерите на жица
О вие робови, да знаете само колку сте наивни
Кога судите за книгата според нејзината корица
Глумите сезнајни, а ни слово од неа не сте прочитале
Како алваџиски тефтери ве отворам секојдневно
Гледам како в без-сознание заблудено сте заскитале
И се однесувате бесно, огорчено, разлутено, гневно
А јас, јас робот на најлукавиот помеѓу најлукавите
Ми дал Господ тро милост, тро љубов, тро знаење
Јас глумам дека сум најздравиот меѓу најздравите
А всушност и јас сум подложен на својот рок на траење
И мене коњите ми се уморени, папсуваат, калдисуваат
Пред да ми рикнат сакам откријам дел од вистната
Срцево копнее, а во главава разни ветришта дуваат
Сакам да љубам пред да останам со уста подзината
О Ти мудрецу што во срцево мое блажено мируваш
О Ти што во овие бели дробови внесуваш здив
О Ти што врагуваш и ко вампир се повампируваш
О Ти што глумиш мртовец, а си Еден, Сам и Жив
Тебе ти се обраќам и од Тебе изим за ова барам
Ти сакам врз ова бивствување да ставиш рака
По Тебе трагам, со Тебе се љубам и се карам
О Ти Творецу на сето блаженство и сета мака
Твоите безбројни лица често ме збунуваат
Твојата совршена игра ме заведува и води
Твоите тишини скришни тајни себично чуваат
А душава знае дека без нив нема да се ослободи
Затоа сакам она што сум го спознал да го споделам
Со другите души на патот заталкани и изнапатени
Овие ронки мудрост во срцата нивни да ги вселам
Да објаснам за од умовите нивни да бидат сфатени
Горе на тронот, со жезло в раце и круна на глава
Седи врз белиот лотосов цвет со илјада листа
Возгордеан и со копнеж за вечна памет и вечна слава
Опиен од моќта продава демагогија најчиста
Со него се поистоветени сите негови верни робови
Тој е што се поклонува и нему му се поклонуваат
Му креираат златни телиња надземните гробови
И најмилото во негова чест го убиваат и силуваат
Во едната рака држи срам и сомнеж, во другата страв
На градите има знак од бес, лутина, огорченост, гнев
Срцето го исполнува со вина, тој и кога е крив е прав
Невиноста ја убива со измислен примордијален грев
Со ноктите врз срцето прави длабока невидлива трага
Волчјаците негови во гркланот твој крвожедно се забодени
Во остри ножеви ги претвора солзите на еонската тага
И ќе те болат се’ додека вистините не бидат ослободени
Во меѓувреме тој во страдањето те заљубува и ти уживаш
Додека тој се устоличил на тронот опиен во својата моќ
А ти долу се обидуваш од глупоста и бедата да испливаш
И својот најсветол ден го доживуваш како најмрачна ноќ
А тој со безбројни желби тебе секојдневно те манипулира
Со илузии, фантазии, соништа те држи под јака контрола
И се’ додека не му ги оствариш, не те остава на мира
А последиците од неговата игра тебе до срце те болат
Преку разни страсти почнува да те заблудува и заведува
И во секоја твоја мисла, збор и дело тој сака да доминира
И плодот на секоја твоја жртва тој сака да го поседува
Секој чекор кон светото во тебе најсуптилно го саботира
Тој е левата рака на судбината и чуварот пред капијата
Тој е огнот во пеколот и детергентот во чистилиштето
Тој е рајот, тој е Адам и Ева, тој е дрвото и тој е змијата
Тој е кучката и романтичарот тој е убавицата и чудовиштето
Ех кога навистина би знаеле со кого си имате работа
Би ги засукале ракавите и би почнале да работите на себеси
Вака испаѓа дека јас си ја тријам крастата и џабе баботам
За лукавиот, за пеколот, за Бога и за некакви си небеси
А длабоко во срцето, во без-дната, во мирот и тишината
Таму се крие Семоќниот, Сезнајниот и Севозљубениот
Во таа мрачна влажна зандана чмае заробена Вистината
За Будниот, Совршениот, Најтаинствениот, Ослободениот
Во таа најсовршена игра на куку, мижитатара, криенка
Тој Самиот по Себеси е во постојана потера и потрага
И Тој Самиот Себеси си глуми и светлост и сенка
Паднат ангел кој се тера Себеси џенем и до врага
Откриен Си, О Ти Беспрекорен Севозвишен Чудо-Творецу
Откриен си како светло сонце пред јасна месечина
Откриен си О Ти лукав его лудаку и вечен его борецу
Во играта во која глумиме возрасни ние малите дечина
No comments:
Post a Comment