Friday, May 11, 2012

Се` е политика – рече Учителот

се преиспитувам себеси и се прашувам зошто не ме бива
политика да водам, да маткам одоколу, да манипулирам
а имам еден хиперманипулатор и ѕвер со природа дива
но не знам како во себеси двајцата нив да ги избалансирам

во светот на ега искреноста и директноста не се на цена
потребно е взаемно политички елегантно его тимарење
егото е како арогантен маж и искомплексирана жена
егото е како осетлив стомак со пореметено варење

а во мене има премногу дивина преточена во поезија
јас како да не му припаѓам на овој и ваков свет
јас сеуште немам врз зборот мој световна терезија
јас чувствувам како да сум благословен и проколнет

ме благословил господ со остар ум и срце чисто
и ме проколнал со огромна сила и природа дива
ме вјармил во парадокс – се` се менува, а се` е исто
и му ставил граница – смрт, на мојава душа жива

и ме фрлил во световното да трагам по светото
да водам политика со ангели во демони претворени
и да го откријам благословеното во проколнетото
преку сите свои гревови измислени и сторени

ми дал задача од дете кревко маж силен да израснам
од срцето на лагата своја да ја искорнам вистината
од раката на кундалини јаболкото на спознанието да го каснам
и да клокотам како вулкански кратер со лава остината

господе, знам дека за се` што мене ми се случува ти си крив
ми велиш биди вистинит, а од друга страна политика водиш
меѓу емоционални мртовци јас морам да останам здрав и жив
а знам дека што и да направам, на крајот пак ќе ме ослободиш

но проблемот е во егото мое кое сеуште не знае да љуби и верува
проблемот сум јас кој не сакам да ја водам твојата политика
проблемот е овој его ум кој ништо не прифаќа и во се` претерува
проблемот е во овој глушец во мене кој пред лавот мој цвика

сеуште сум длабоко заглибен во светот на сопствените двојства
теретот на сопствената карма е крстот закован врз моиве плеќи
и се` додека во потполност нe ги спознаам сите мои его својства
ќе продолжам над своите гробови да плачам и да палам свеќи

No comments:

Post a Comment