боли господе длабоко во срцево мое гневот
гори пеколот потпален од мојот ум заблуден
утрово ѓаволот повторно го хранам со гревот
посакувам што поскоро да дојде денот суден
боли во мене секое сеќавање за саканите жени
острици во центарот на душава моја забодени
денеска како зла крв течат низ моиве вени
примални крици од усниве молчеливи неослободени
боли и од креветов да се поместам не можам
еонскава тага збирана по животните беспатија
премногу љубов утрово јас морам да вложам
да им простам на сите оние што не ме сфатија
ах колку боли кинењето на врските со сите други
ооооо колку утрово самиот на себеси си тежам
и додека возовите повторно ги газат истите пруги
јас од помислата да станам од креветов се ежам
ме болат однатре некои неосвестени душевни јадови
врз срцево мое ко длабоко врежани временски жигови
знам господе, еден сум од многуте незадоволни гадови
залудно ги арчам овие твои скапоцени животни мигови
ме боли оваа твоја секојдневна незаслужена милост
се чувствувам ко паразит што сопствената крв ја цица
ми фали женско срце кое ќе ја излечи мојава гнилост
океан сум и мамец и клен закачен на својата јадица
боли безживотноста во меѓупросторов мој вткаена
ми фали реброто од под срцево мое некогаш украдено
душава во вртлогот на животната река ми е удаена
нешто демонско во умов мој ближните имаат всадено
боли тоа што ни самиот повеќе не се препознавам
низ животов врвам ко некое невино и наивно бајче
дека сеуште постојам од вестите на тв дознавам
од оние што ми убиле татко и расплакале мајче
боли господе и немам кому сево ова да му го кажам
боли како смрт љубовта со душите блиски несподелена
боли господе верувај ми барем ти знаеш дека не лажам
боли утрово во мене и сакам да ме чуе сета вселена
No comments:
Post a Comment