Friday, October 30, 2009

ферментација

го заробив денот со мрачното лудило на мојата ноќ
ја соѕидав својата вера со тули од препечен сомнеж
му ја продадов душава на ѓаоло за тро лажна его моќ
внатре во празнината остана осамен сал еден копнеж

предолго се спречувам себеси да направам исчекор
таму, внатре, длабоко, во без-дната, во пра-знината
како мало дете што се плаши од татковскиот прекор
така јас цвикам да ја земам одговорноста за иднината

би избегал од оковите на она што реалност се вика
но канџите нејзини во срцево длабоко се закопани
и иако знам дека сум направен според неговата лика
незнајни демони на душава моја се прават стопани

колку ли љубов како никлеарен отпад во мене согорува
колку зрното нејзино во мене зрее и ја шири светлината
господе боже, ова тело се побрзо и почесто се уморува
мојава планина очигледно не знае колкава и’ е тежината

No comments:

Post a Comment