Thursday, April 3, 2008

Време на искушение и митарење

Моите соништа се распаѓат од ден во ден
Што значи - нешто погрешно правам
Заробен сум, а сакам да сум слободен
Пливам, а имам доживување дека се давам

Сите алтернативи се ко челусти отворени
Со намера да ме лапнат и да ме изџвакаат
Сите мои амбиции се калдисани, уморени
Не знам што од мене Боговите сакаат

Учам споро, глуп сум, искусувам, страдам
И грешам - паѓам на секое искушение
А потоа во сонот самиот со себеси си бладам
И го молам Бога за милост и за утешение

Откосо го гледам своите издигнувања и падови
И сфаќам дека мојата потрага е во инклинација
Засега добро се носам со своите маки и јадови
И за оваа песна тие се основна инспирација

Свесен сум дека и од ова повеќе можам
Но мрзлив е умов, уморно е телово, јас сум стар
А барам начин сиот себеси да се вложам
Во суптилната игра на Небесниот Цар

Знам дека не сум им дораснат ни на најниските
Имам уште многу волчји влакна за митарење
Се оддалечив од себеси и од најблиските
Бев длабоко убеден дека е сезона за парење

Но и тука Господ ми прави тешки заврзлами
Или пак во погрешна дупка носо си го пикам
А ко ќе ме акни по нос па ќе кравам чалами
И потоа ко кутренце ќе Го молам и ќе цвикам

НЕ ЗНАМ Господе, сал тоа со сигурност ГО ЗНАМ
А сакам да спознавам и од срце да творам
И од многу свои грешки и денес ме фаќа срам
Ми останва смиот со себеси до смрт да се борам

Борбата е тешка, ама ќе победиме
Ова во гимназија ни беше циничен слоган
Само смртта ќе покаже колку вредиме
Пред рајските врати и пеколниот оган

No comments:

Post a Comment